Во срцето на секој човек постои копнеж за она што го нема. Овој копнеж во неговата природа го всадил милостивиот Бог. Затоа тој често е незадоволен со своите животни постигнувања, независно од нивната големина. Бог сака човекот да трага по највозвишеното добро за да ја открие вечната среќа на својата душа.
Сатаната со своето лукавство и со измама го изменил овој копнеж на човечкото срце. Луѓето ги навел да веруваат дека нивниот порив може да се уталожи со сетилни задоволства, со богатство, со удобност, со слава и моќ . Но милијарди луѓе, што ги завел тој, увидуваат дека сето тоа ја губи својата привлечност и во душата остава огромно незадоволство и подлабока празнина од онаа што ја чувствувале порано. Бог замислил овој порив, овој копнеж на човечкото срце, да се насочи кон Оној кој единствено може да го задоволи, кон Исуса Христа, во кого можат да се исполнат сите наши копнежи.
Целта на оваа книга не е да ја прикаже хармонијата на Евангелијата или да даде механички, емпириски хронолошки редослед на важните настани и поуки од Исусовиот живот. Таа прикажува како од Божјето срце блика љубов која се открила во неговиот Син Божја несебична, насфатлива, чудесна, милна, копнежлива љубов која ги прегрнува сите луѓе на оваа планета.